Аронија

аронија1Според градбата на надземниот дел аронијата спаѓа во џбунести растенија. Џбунот се состои од голем број слабо развиени изданоци (повеќе од 80) со различна старост, кои секоја година излегуваат од коренот и кореновиот врат. Изданоците имаат црвенкасто – кафеава кора со впечатливи ленти цели. Леторастите на аронија се тенки, со жолта кафеава боја. Во зависност од бујноста на сортата димензиите на круната од џбунчето достигаат од 2 до 2.5 метри во висина и од 1 до 1,5 метри во ширина. Аронија е повеќе годишна овошна култура која потекнува од Источна Азија (Монголија). Природно најмногу е распространета во земјите од бившиот Советски сојуз, а поголеми површини од производни насади од оваа култура се застапени во Русија, Украина, Скандинавските земји, Полска, Романија, Унгарија, Бугарија, Канада и др. Аронија има најмногу распространето во бившиот Советски сојуз и во Сибирскиот регион, во последните 30 години од минатиот век во овој регион аронија се одгледува на преку 5000 ха. На нешто помали површини се одгледува и во некои Источно Европски и Северно Европски земји. Во Република Македонија насад од аронија има за првпат посадено во околината на Пехчево, есента 1990 година, со саден материјал набавен од Бугарија.

Листовите се прилично кожести, поединечни, со должина на лиската до 6 цм и ширина од 3 до 4 цм. По форма се елиптични, со фини или мали запци. Лисјата имаат сјајно темно зелена горна површина, со светло зелена долна страна и доста наметлива боја во текот на вегетацијата, а како наесен вегетацијата одминува добиваат атрактивна портокалова, винеста до пурпурно луминисцентна црвена боја. Цветовите се со бела боја и големина до 1,5 цм, соберени во соцветие во вид на китка со голем број на цветови (повеќе од 20). Тие се хермафродитни, содржат и машки и женски полови органи. Опрашувањето се врши главно преку инсекти.

Плодовите од аронија во текот на вегетацијата се зелени, а со созревањето добиваат винесто црвена боја за да при полна зрелост постанат потполно црни. Тие имаат округла форма во вид на бобица, групирани се во соплодија со по 10 до 20 плода. Во зависност од сортата и технологијата на одгледување плодовите постигаат големина од 6 до 10 мм. Според начинот на формирање на плодовите од аронија спаѓаат во групата на јаболчесто овошје а според изгледот и цврстината може да се групираат во јагодесто или ситно овожје.
Со својот изглед во текот на вегетацијата и наесен пред опаѓањето на листовите џбунчето е доста атрактивно и може да послужи како декоративно растение за разубавување на просторот. Кореновиот систем е јако разгранет и компактен во површинскиот слој, а во подлабоките почвени слоеви коренчињата се слабо разгранети. Корените во хоризонтален правец се распространуваат од 1.5 до 2.5 м, а во длабочина достигаат од 60 до 100 цм.

Аронија е култура која што не е могу пробирлива на климатските и почвените услови. Таа се адаптира и на сува и на влажна клима, но подобри резултати дава во реони со поумерена влажност во почвата и воздухот. Во текот на зимата надземниот дел издржува температури и пониски од -30 до -35 ° C, а кореновиот систем може да настрада на температура од -11 до -12 ° C. Во наши услови ретко кога се случуваат вакви температурни екцесии па поради тоа од овој аспект гледано оваа култура е потполно безбедна од измрзнување во текот на зимата.

За оптимален развој на џбунчињата во текот на вегетацијата потребно е температурна сума над 10 ° C и од 120 до 150 дена период без појава на мразеви. За успешно одгледување на оваа култура и постигање на оптимални и квалитетни приноси количество на врнежи во текот на топлиот период од годината (во наши услови јуни-септември) треба да изнесува над 200 до 300 мм, во спротивно потребно е да се обезбедат услови за наводнување . Во однос на почвата не е голем пробирач, успева на песокливи но и на глинести почви. Не се погодни забарени почви и мочуришта. Подпочвени води треба да не бидат поплитки од 1,5 до 2 м.

Аронија се сади на растојание од 3 x 1.5 метри или по 2200 џбунчиња по еден хектар.

За поголеми овошни насади консултирајте се со нас.

© 2017: Агрокласик. Сите права се задржани. | Изработено од Elite Web.

Facebook

Get the Facebook Likebox Slider Pro for WordPress